Во присуство на 35 вработени во библиотеките во Р Македонија, во организација на Здружението за равој и иновации на библиотеки „ИНОВА ЛИБ“ денес во Радовиш започна дводневниот семинар на тема „Дигитални библиотеки“ кој е дел од проектот
„Управување со дигитални збирки: нови предизвици за јавните библиотеки". Проектот се реализира во соработка со НУУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола и Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ од Радовиша, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и Општина Радовиш. Со оваа активност Здружението Инова Либ се вклучи во одбележувањето на европската година за заштита на културното наследство со слоган „
Нашето наследство: каде минатото се сретнува со иднината“.
Библиотеките, музеите и архивите чуваат голема количина на човеково знаење и искуство кое е со векови создавано. Роднокрајните збирки се богати со важни документи и вредна граѓа и се носители на историјата и културата на луѓето на одредени подрачја и ја обединуваат граѓата која го сочинува македонскиот културен и национален идентитет. Роднокрајните збирки поради својот специфичен материјал, условите за користење и складирање се помалку достапни и видливи за јавноста, но технологијата денес нуди бројни можности за подобро презентирање на локалните фондови и поголема видливост за целните корисници.
Главната цел на проектот е да ја зголеми видливоста на роднокрајните збирки во библиотеките преку прикажување на квалитетни алатки за презентација на роднокрајната граѓа во дигитален облик, и да ги информира вработените во јавните библиотеки за процесите на дигитализација кои се веќе започнати во државата.
Првиот ден во првата сесија ќе бидат претставени двете софтеверски решенија: дигитално архивирање и управување со дигиталните објекти, како и вовед и запознавање со пораталот на Дигиталната библиотека (www.dlib.mk),
Претставник од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе го претстави начинот за обликување на мала дигитална збирка во рамките на посебен пилот проект чија цел е да стане еден вид водич за изградба на мали дигитални збирки по пат на open-source програмско решение Gрeenstone Digital Library, особено за оние установи кои немаат доволно средства за плаќање на скапи и неприкладни решенија на дигитални библиотеки. Споменатата програмска поддршка е еден целокупен систем за обликување и прикажување на дигитални збирки кои овозможуваат вклучување на збирки на различни видови на документи (текст, слики свучни и видео снимки).
По презентаците се очекува да се отвори дискусија за насоките во кои треба да се движат библиотеките во процес на дигитализација на своите библиотечни добра – според сопствените потреби и можностите и капацитетите на самата установа, како и усогласувањата со европските стандарди за дигитализација.
Вториот ден учесниците ќе бидат практично обучени за користење на овие две бази и ќе имаат можност да се запознаат со:
• Креирање на колекции (книги, ракописи, фотографии, видео записи, звучни записи,...);
• Креирање на метаподатоци, класификатори и индекси за пребарување во колекциите;
• Внесување на записи во колекциите во соодветниот формат;
• Пребарување низ колекциите (основно и напредно пребарување).
По извршената обука библиотекарите ќе имаат можност сами да креираат колекции и записи со соодветните мета податоци, исто така и да пребаруваат низ колекциите со помош на основно и напредно пребарување. Работилницата ќе ја водат експерти од областа на библиотекарството:
- Мирко Марковиќ, библиотекар советник и меѓународен консултант по библиотекарство, Р. Србија
- Mр. Слободан Стевановски – директор на Општинска библиотека Ковачица, Р. Србија
- Александар Рангелов, Раговодител на одделение за дигитализација, НУБ „Свети Климент Охридски“ Скопје
- Јелена Петровска, библиотекар советник, НУУБ „Свети Климент Охридски“ Битола Александар Крстев, библиотекар информатор, НУУБ „Свети Климент Охридски“ Битола