КРЕАТИВНИ УМОВИ ЈА КРЕИРААТ ИДНИНАТА

КРЕАТИВНИ УМОВИ ЈА КРЕИРААТ ИДНИНАТА
 
Здружението за развој и иновации на библиотеки Инова Либ започна со имплементација на проектот „Креативни умови ја креираат иднината", финансиран од Владата на САД.
Проектот има за цел преку воведување на нова библиотечна услуга за кариерно образование да им помогне на младите во подготовките за професионалните предизвици и понатамошно образование. Големиот број на програми понудени од државните и приватните факултети често создаваат конфузија кај младите луѓе во изборот на нивното идно образование и професионална ориентација. Со демонстрирање на различни начини на кои библиотеките придонесуваат за учење и успех на учениците (збирки, простор, упатства, референци, програми) библиотекарите преку проектот ќе воспостават врска помеѓу различни аспекти на библиотеката и бројните академски фактори за успех.
Во оваа иницијатива за професионален развој на младите ќе се вклучат 10 јавни библиотеки избрани по пат на јавен оглас кои ќе ги понудат своите ресурси. По еден библиотекар од секоја избрана библиотека ќе учествува во обука на која ќе бидат презентирани новите библиотечни трендови во развиениете земји со посебен акцент на програмите за поддржување на развојните потреби на младите луѓе во насока на јакнење на нивните вештини. По спроведената обука библиотекарите ќе воспостават соработка со училиштата и ќе формираат групи од ученици во трета и четврта година кои ќе учествуваат на две интерактивни обуки:
-          Презентирање на програмите кои ги нудат државните и приватните факултети, избори и можности за студирање во земјата и странство.  
-          Интерактивна обука за користење на ИТ технологијата во процесот на истражување на можностите за самостоен и професионален развој и олеснување на можностите при вработување
Учесниците за време на интерактивните работилници ќе користат пристап до таблети набавени преку проектот и ќе поттикнат употреба на он-лајн извори за програми и факултети, можности за стипендии, како и да подготват апликации, биографија, есеј и мотивациско писмо. Таблетите ќе обезбедат мобилност, така што активностите можат да се организираат во различни библиотеки.
За да се овозможи размена на искуства и вмрежување на учесниците ќе се користат социјалните медиуми.