Од 26 – 29 ноември во Солун се одржа првата средба на 65 библиотекари иноватори од 12 балкански земји вклучени во проектот INELI-Balkans (International Network of Emerging Library Innovators in the Balkan region).
Во рамките на четиридневната средба учесниците организирано ја посетија Централната јавна библиотека во Верија, која во 2010 година доби награда од еден милион долари од Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс за својата иновативност. Библиотеката во Верија е позната по широк спектар на услуги, бесплатна членарина, бесплатен интернет, магични кутии, медиалаб и по високиот процент на членови на библиотеката (60%).
Програмата на INELI Балкан се состоеше од два дела. Првиот дел се однесуваше на Future Library – Unconference 2015, на која учествуваа околу 300 библиотекари од Грција и регионот , на која беа презентирани широк спектар на теми кои се фокусираа на ефективни партнерства кои водат кон создавање на нови услуги во библиотеките кои имаат огромно влијание врз развојот на локалните заедници, разни можности за реорганизирање на просторот во библиотеките, пристап до разни услуги, организирање на разни работилници и развој на креативни програми за деца и млади.
Вториот дел се однесуваше на работилници кои имаа за цел јакнење на соработката помеѓу избраните иноватори од библиотеки од 12 земји од регионот, амбасадорите и менторите. Работилниците ги водеше Marina Giareni, која во позитивна атмосфера успеа да направи синергија помеѓу тимовите, да ја зајакне соработката со единствена цел создавање на лидери на промени кои ќе се обидат да воведат во нашите библиотеки иновации, простори за учење и социјална интерграција.
Претставници од Македонија беа: Катерина Данаилова од Локална библиотека „Страшо Пинџур“ Неготино, Билјана Кочишка од Градска библиотека „Браќа Миладиновци„ Скопје, Вилма Јованова од Национална установа библиотека „Гоце Делчев“ Штип и Иванка Соколова, претседател на Здружението за развој и иновации на библиотеки.